1 Сакам да знаете во каква голема борба сум заради вас и заради оние што се во Лаодикија и во Јерапол, и поради сите, кои не ме видоа лично.
2 Нека се охрабрат срцата нивни та, соединети во љубов во секое богатство, со потполно разбирање, да ја познаат тајната на Бога и Отецот и на Христос,
3 во Кого се скриени сите сокровишта на мудроста и знаењето.
4 А ова ви го велам за да не ве измами некој со лукави зборови;
5 зашто, макар и да сум отсутен со телото, со духот сум при вас, радувајќи се и гледајќи го вашиот ред и цврстината на вашата вера во Христа.
6 Поради тоа, како што Го примивте Господ Исус Христос, така и одете по Него,
7 вкоренети и утврдени во Него и укрепени во верата, како што сте научени, изобилувајќи во неа со благодарност.
8 Браќа, пазете некој да не ве заведе со филозофија и со празна измама што се потпира на човечкото предание, на стихиите на светот, а не по Христос;
9 зашто во Него телесно живее сета полнота на Божеството,
10 и вие да бидете исполнети во Него, Кој е глава на секое началство и власт;
11 во Него сте и обрезани преку неракотворено обрезание, откако го соблековте гревовното тело на плотта преку обрезанието Христово;
12 откако се погребавте со Него во крштевањето, во кое заедно со Него и воскреснавте преку вера во силата на Бога, Кој Го воскресна од мртвите.
13 И вас, кои бевте мртви во гревовите и во необрезанието на вашето тело, Тој заедно со Него ве оживи, простувајќи ви ги сите гревови;
14 извршувајќи го ракописаниот закон, кој со своите прописи стана наш непријател, кого Тој го зеде од средината и го прикова на крстот;
15 и, откако ја зграби силата од началствата и властите, Тој ги изложи јавно на позор и славејќи ја во Себе победата над нив.
16 Па така, никој нека не ве осудува за јадење или пиење, или за некој празник, или за млад месец или саботи;
17 тоа е само сенка на она што доаѓа, а телото е Христос.
18 Никој своеволно да не ве мами со смиреномудрост и служење на ангелите, впуштајќи се во она што не го видел, гордеејќи се залудо со својот телесен ум,
19 и не се придружи кон Главата, од Која целото тело, поддржано преку зглобови и врски, расте со растење според Бога.
20 И така, ако вие со Христос умревте за почетоците на светот, тогаш зошто се препирате, како уште да живеете во светот;
21 „Не се фаќај, не вкусувај, не пипај!“
22 Сите тие се определени за распаѓање – кога се управуваат според човечките заповеди и учења.
23 Тие само наликуваат на мудрост во своеволното богослужење, во лажните понизности и во нештедењето на телото, но тоа нема никаква вредност, освен што го заситуваат телото.