1 Вие, господари, бидете справедливи спрема слугите свои и давајте им го она што е правично, зашто знаете дека и вие имате Господар на небесата!
2 Бидете постојани во молитвата, бидете бодри во неа со благодарност!
3 Молете се исто така и за нас, за да ни ја отвори Бог вратата на проповедта да ја разгласуваме Христовата тајна, поради која сум и во окови,
4 та да ја откријам, како што треба да зборувам!
5 Спрема надворешните однесувајте се благоразумно, ползувајќи го времето!
6 Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол, за да знаете како треба на секого да му одговарате!
7 Што се однесува до мене, сѐ ќе ви соопшти Тихик, љубениот брат и верен служител и соработник во Господ,
8 кого нарочно поради тоа го испратив кај вас за да разбере како сте и да ви ги утеши срцата ваши,
9 заедно со Онисим, верниот и омилен наш брат, кој е од вас; тие ќе ви раскажат сѐ што станува овде.
10 Ве поздравува Аристарх, кој е затворен со мене, и Марко, внукот на Варнава – за кого добивте заповед: ако дојде кај вас, примете го.
11 Исто така и Исус, наречен Јуст; тие се од обрезаните и единствени сотрудници за царството Божјо, кои ми беа утеха.
12 Ве поздравува од вашите Епафрас, служител на Исус Христос, кој секогаш во молитвите свои се грижи, да бидете совршени и исполнети со секаква волја Божја.
13 Сведочам за него дека тој има голема ревност и грижа за вас и за оние што се во Лаодикија и Јерапол.
14 Ве поздравува Лука, возљубениот лекар, и Димас.
15 Поздравете ги браќата во Лаодикија, и Нимфана, и неговата домашна црква!
16 Откако ова послание ќе биде прочитано кај вас, потрудете се да биде прочитано и во лаодикиската црква, а она од Лаодикија да го прочитате и вие.
17 Кажете му на Архип: „Гледај ја службата, што си ја примил во Господ да ја извршуваш!“
18 Своерачен поздрав од мене, Павле. Помнете ги оковите мои! Благодат меѓу сите вас. Амин!