1 Напомнувај им да се покоруваат на началствата и властите, да бидат готови за секое добро дело,
2 никого да не хулат, да не се караат, туку да бидат мирни, и да покажуваат секаква кроткост кон сите луѓе.
3 Бидејќи и ние некогаш бевме неразумни, непокорни, заблудени, бевме робови на желби и на разни сладострастија, живеевме во злоба и завист, бевме одвратни, се мразевме еден со друг.
4 А кога се јави добротата и човекољубието на нашиот Спасител, Бог,
5 Тој нѐ спаси, но не според извршените од нас праведни дела, туку по Својата милост, преку бањата на преродување – и обновувањето од Светиот Дух,
6 Кого изобилно Го излеа на нас преку Исус Христос, нашиот Спасител,
7 та оправдани со Неговата благодат да станеме по надеж наследници на вечниот живот.
8 Верни се тие зборови; и јас сакам да го утврдуваш тоа, та оние што поверувале во Бога, да се трудат и да се грижат за добри дела: ова е полезно и добро за луѓето.
9 А од глупави распрашувања и родословија на племињата, од препирки и расправии, по однос на Законот, клони се, зашто се бесплодни и празни.
10 Бегај од човек раздорник, откако ќе го посоветуваш еднаш или двапати,
11 знаејќи дека таков човек се изопачил, греши и дека се осудил сам себеси.
12 Кога ќе ги пратам кај тебе Артем и Тихик, побрзај да дојдеш кај мене во Никопол, зашто решив таму да презимувам.
13 Законикот Зина и Аполос погрижи се да ги приготвиш за пат, така, та да немаат потреба од ништо.
14 И нашите нека се учат да прават добри дела за неопходните потреби, за да не бидат бесплодни.
15 Те поздравуваат сите што се со мене. Поздрави ги оние кои нѐ милуваат по вера. Нека биде благодатта со сите вас. Амин!