1 Зашто самите знаете, браќа, дека нашето доаѓање кон вас не беше напразно.
2 Напротив, иако порано пострадавме и бевме хулени во Филипи, како што веќе знаете, бевме смели во нашиот Бог, да ви го проповедаме Божјото Евангелие среде голема борба.
3 Зашто нашето бодрење не беше од заблуда ни од нечистота, ниту со измама,
4 туку како што Бог нè испита да ни го довери Евангелието, така зборуваме не угодувајќи им на луѓето, туку на Бога, Кој ги испитува нашите срца.
5 Зашто, како што знаете никогаш не настапивме со ласкави зборови ниту со притаено лакомство. Бог е сведок за тоа.
6 Ниту баравме слава од луѓето, ниту од вас, ниту од другите, иако можевме да настапиме со важност како Христови апостоли.
7 Напротив, бевме благи меѓу вас, како доилката, која топло ги негува своите деца,
8 така, полни со љубов кон вас сакавме да ви го предадеме не само Божјото Евангелие, туку и своите души, зашто ни станавте мили.
9 Затоа, браќа, вие ги помните нашиот труд и мака: работејќи ноќе и дење, за да не му паднеме на терет на некој од вас, додека го проповедувавме Божјото Евангелие.
10 Вие сте сведоци и Бог, како свето, праведно и беспрекорно се однесувавме кон вас, кои верувате.
11 Како што знаете, ние секого од вас поединечно, како татко своите деца, го бодревме и советувавме, и ви сведочевме
12 да живеете достојно за Бога, Кој ве повикува во Своето Царство и слава.
13 И затоа и ние Му благодариме на Бога постојано зашто, примајќи го Божјото слово, што сте го чуле од нас, го примивте не како човечко слово, туку како Божјо слово - какво е навистина - кое и дејствува во вас, кои верувате.
14 Зашто, вие браќа, се угледавте на Божјите цркви, кои се во Христа Исуса во Јудеја, бидејќи и вие го претрпевте истото од своите сонародници, како и тие од Јудејците,
15 од оние, кои Го убија Господа Исуса, и пророците, а нас нè изгонија; кои не Му угодуваат на Бога, кои им се противат на сите луѓе;
16 кои ни бранат да им зборуваме на народите, за да се спасат, така ги дополнуваат своите гревови секогаш. Но најпосле Божјиот гнев дојде на нив!
17 А ние, браќа, кога останавме без вас со лицето, а не со срцето, настојувавме уште повеќе, со голем копнеж, да го видиме вашето лице.
18 Затоа сакавме да дојдеме при вас; и јас Павле не само еднаш, туку двапати, но сатаната нè спречи.
19 Зашто, кој е наша надеж, или радост, или венец, за пофалба? Та не сте ли вие пред нашиот Господ Исус при Неговото доаѓање?
20 Да, вие сте наша слава и наша радост.