1 Солунците 1 MKB

1 Павле и Силван и Тимотеј до црквата на Солунјаните, во Бог Таткото и Господа Исуса Христа, благодат вам и мир.

2 Секогаш Му благодариме на Бога за сите вас, кога ве спомнуваме во своите молитви,

3 зашто си спомнуваме постојано за делата на вашата вера, и за трудот на вашата љубов и за вашата трпелива надеж во нашиот Господ Исус Христос, пред нашиот Бог и Татко.

4 Знаејќи, од Бога возљубени браќа, дека вие сте избрани;

5 зашто нашето проповедање меѓу вас не беше само со слово, туку и во сила, и во Светиот Дух, и во полна увереност; како што знаете какви бевме меѓу вас заради вас.

6 И вие се угледавте на нас и на Господа, примајќи го словото во голема неволја, со радоста на Светиот Дух,

7 така што им станавте пример на сите верници во Македонија и Ахаја.

8 Зашто, од вас Господовото слово се разгласи не само во Македонија и Ахаја, туку вашата вера во Бога се расшири во секое место, така што нема потреба ние да зборуваме нешто.

9 Имено, самите раскажуваат за нас, каков пристап имавме кон вас и како се обрнавте кон Бога од идолите, за да Му служите на живиот и вистински Бог

10 и да Го чекате Неговиот Син од небесата, Кого Го воскресна од мртвите, Исуса, Кој нè ослободува од гневот што доаѓа.

поглавја

1 2 3 4 5