Колошаните 4 MKB

1 Господари, правете им на робовите што е праведно и справедливо, знаејќи дека и вие имате Господар на небесата.

2 Бидете постојани во молитвата, бдејте во неа со благодарност!

3 Молете се уште и за нас, за да ни ја отвори Бог вратата на словото и за да ја навестиме тајната на Христа, заради која сум и во окови -

4 и да ја откријам онака, како што треба да зборувам.

5 Постапувајте мудро кон оние, надворешните, ползувајќи го времето.

6 Вашето слово секогаш да е љубезно, зачинето со сол, за да знаете како треба да му одговорите секому.

7 За мене ќе ви рече сè Тихик, возљубен брат и верен слуга и соработник во Господа,

8 кого го испраќам при вас токму затоа, за да научите како сме ние и да ги утеши вашите срца,

9 заедно со верниот и возљубен брат Онисим, кој е од вас. Тие ќе ви соопштат како е тука.

10 Ве поздравува Аристарх, мојот другар во темницата, и Марко, внукот Варнавин, за кого примивте упатства; ако дојде при вас примете го

11 и Исус, наречен Јуст. Од обрезаните овие се единствени, кои ми помагаат за Божјото Царство и кои ми беа утеха.

12 Ве поздравува вашиот сонародник Епафрас, слуга на Христа Исуса, кој секогаш се бори за вас во молитви, за да стоите совршени и наполно уверени во целата Божја волја.

13 Сведочам за него дека има голема ревност за вас, и за оние во Лаодикија, и за оние во Ерапол.

14 Ве поздравува возљубениот лекар Лука, и Димас.

15 Поздравете ги браќата во Лаодикија; и Нимфан и неговата домашна црква.

16 Кога ќе се прочита ова послание при вас, погрижете се да се прочита и во Лаодикијската црква! А она од Лаодикија, прочитајте го и вие!

17 Речете му на Архип: „Внимавај на службата, која си ја примил во Господа, да ја исполниш!”

18 Поздрав со мојата, Павлова рака. Спомнувајте си за моите окови. Благодат со вас!

поглавја

1 2 3 4