1 Солунците 3 MKB

1 Бидејќи не можевме веќе да го трпиме тоа, најдовме за добро да останеме сами во Атина,

2 а Тимотеј, нашиот брат и Божјиот соработник во Евангелието на Христа, го испративме, за да ве зацврсти и охрабри во вашата вера,

3 за да не се поколеба никој во овие маки; зашто сами знаете дека за тоа сме определени,

4 зашто кога бевме при вас, однапред ви зборувавме дека ќе трпиме маки, и како што знаете така и беше.

5 Затоа јас, не можејќи веќе да трпам, пратив да научам за вашата вера, да не би ве искушал искушувачот и да не биде напразен нашиот труд.

6 А сега, откако ни дојде Тимотеј од кај вас и ни донесе добра вест за вашата вера и љубов, и дека имате секогаш добар спомен за нас и дека копнеете да нè видите, како и ние вас,

7 затоа, браќа, се утешивме за вас поради вашата вера во сета своја потреба и неволја;

8 зашто ние живееме сега, кога вие стоите цврсто во Господа.

9 Зашто, каква благодарност можеме да Му воздадеме на Бога за вас, за сета радост со која се радувавме поради вас пред својот Бог?

10 Ноќе и дење се молиме најусрдно да го видиме вашето лице и да го дополниме тоа, што и недостига на вашата вера.

11 А Самиот Бог и нашиот Татко, и нашиот Господ Исус Христос да го управи нашиот пат кон вас!

12 А Господ да направи вие да растете и да изобилувате во љубов еден кон друг и кон сите, како што и ние ја имаме кон вас,

13 за да ги утврди вашите срца да бидат непорочни во светост пред нашиот Бог и Татко, при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос со сите Свои свети.

поглавја

1 2 3 4 5