1 Така, пред сè да се прават просби, молитви, молби, благодарности за сите луѓе,
2 за царевите и за сите кои се на власт, за да можеме да проживееме тих и мирен живот во сета побожност и чесност.
3 Ова е добро и угодно пред Бога, нашиот Спасител,
4 Кој сака сите луѓе да се спасат и да дојдат до познавање на вистината.
5 Зашто Бог е Еден , и Еден е Посредникот меѓу Бога и луѓето: Човекот Христос Исус,
6 Кој се даде Себеси како откуп за сите, за сведоштво во вистинско време;
7 за кое јас бев поставен за проповедник и апостол - вистина велам, не лажам - за учител на народите во верата и вистината.
8 И така, сакам мажите да се молат на секое место, подигајќи ги светите раце без гнев и препирка.
9 Исто така и жените да се украсуваат во пристојна облека, скромно и претпазливо, не со плетенки и злато, или со бисери или со скапоцени облеки,
10 туку со добри дела, како што им прилега на жените, кои исповедуваат дека се побожни.
11 Жената да се учи во тишина и во секаква покорност!
12 А на жената не и дозволувам да поучува, ниту да господари над мажот, туку да биде мирна.
13 Зашто, прво беше создаден Адам, потоа Ева.
14 И Адам не беше измамен, туку жената беше измамена, и падна во престап.
15 Но таа ќе биде сочувана со раѓање на деца; ако останат во верата и љубовта и во светоста со умереност.