1 Робовите, кои се подјармени, да ги сметаат своите господари достојни за секаква почест, за да не се хули Божјото име и науката.
2 А оние кои имаат верни господари, да не ги презираат, затоа што се браќа, туку да им служат подобро, зашто оние кои се ползуваат од нивните услуги се верни и возљубени браќа! Така поучувај и проповедај!
3 Ако некој поучува инаку и не ги следи здравите зборови на нашиот Господ Исус Христос и на науката на побожноста,
4 тој е надуен и не знае ништо, туку боледува од желба за распрашувања и препирки од кои произлегуваат: зависта, расправиите, хулењата, лукавите сомневања,
5 празни препирки меѓу луѓето со изопачен ум и лишени од вистината, кои мислат дека побожноста е средство за печалба.
6 Побожноста и е голема печалба кога е здружена со чувство на задоволство.
7 Зашто ништо не донесовме на овој свет, ниту можеме да однесеме нешто.
8 А кога имаме храна и облека, да бидеме задоволни со тоа!
9 А оние кои сакаат да се богатат, паѓаат во искушение, во стапица и во многу неразумни и штетни желби, што ги туркаат луѓето во пропаст и погибел,
10 зашто среброљубието е корен на секакви зла; некои му се предадоа, се отстранија од верата и се прободија себеси со многу болки.
11 А ти, Божји човеку, бегај од сè тоа! И стреми се кон праведност, побожност, вера, љубов, трпеливост, кротост!
12 Бори се во добрата борба на верата, зграби го вечниот живот, за кој си повикан, и за кого си дал добра исповед пред многу сведоци!
13 Ти заповедам пред Бога, Кој оживува сè и пред Христа Исуса, Кој пред Понтие Пилат ја посведочи добрата исповед,
14 да ја пазиш заповедта чиста и непорочна до јавувањето на нашиот Господ Исус Христос,
15 кое - во свое време, ќе Го открие блажениот и единствениот Владетел, Цар над царевите и Господар над господарите;
16 Кој единствено има бесмртност, живеејќи во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел ниту може да Го види. Нему чест и вечна сила. Амин!
17 Заповедај им на богатите на овој свет да не бидат горделиви и да не се надеваат на непостојаното богатство, туку во живиот Бог, Кој ни дава изобилно сè за наслада,
18 да прават добро, да бидат богати во добри дела, да бидат дарежливи и заедничари;
19 да собираат за себе благо како основа за иднината, за да зграбат вистински живот.
20 О Тимотеје, пази го она што ти е доверено, и отстранувај се од нечистите и празните разговори и спротивставувањата на лажно нареченото познавање,
21 за кое некои се држат и така се отклонија од верата. Благодат со тебе. Амин!