1 Верно е словото: кој ревнува за епископство, добра служба посакува.
2 Според тоа, епископот треба да биде: непорочен, маж на една жена, трезвен, разумен, пристоен, гостољубив, способен за поучување;
3 не пијаница, не жесток, не лаком, туку благороден, не наклонет на препирка, не среброљубец,
4 кој управува добро со својот дом и има покорни деца со сета честитост,
5 зашто ако не знае да управува со својот дом, како ќе се грижи за Божјата црква? -
6 Да не е новообратен, за да не се возгордее и да падне во осудата на ѓаволот!
7 А треба да има и добро сведоштво и од надворешните, за да не падне во прекорување и во стапица на ѓаволот.
8 Исто така, ѓаконите треба да бидат чесни, не двојазични, да не сакаат многу вино, не лакоми на срамна печалба -
9 кои ја пазат тајната на верата со чиста совест.
10 И тие прво да бидат испитани, и после да ја вршат службата ако се непорочни.
11 Исто така жените нивни треба да бидат чесни, да не клеветат; трезвени и верни во сè.
12 Ѓаконите да бидат мажи на една жена, кои управуваат добро со своите деца и со своите домови,
13 зашто оние, кои ја извршиле добро својата служба добиваат чесна положба и голема смелост во верата во Христа Исуса.
14 Ова ти го пишувам надевајќи се дека скоро ќе дојдам при тебе;
15 но во случај да се подзабавам, да знаеш како да се однесуваш во Божјиот Дом, кој е црква на живиот Бог, столб и потпора на вистината.
16 И по општо признание, голема е тајната на побожноста: Оној, Кој се јави во тело, беше оправдан во Духот, им се покажа на ангелите, беше најавуван меѓу народите, поверуван во светот, беше вознесен во слава.