Ефешаните 1:13-19 MKB

13 Во Него и вие, откако го чувте словото на вистината - Евангелието на вашето спасение - и откако и вие поверувавте, станавте запечатени со Светиот Дух на ветувањето.

14 Кој е залог за нашето наследство, за откупување на оние кои станаа Божја сопственост - за пофалба на Неговата слава.

15 Затоа и јас, откако чув за вашата вера во Господа Исуса и за вашата љубов кон сите свети,

16 не прекратувам да заблагодарувам за вас, спомнувајќи ве во своите молитви,

17 та Бог на нашиот Господ Исус Христос, Таткото на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение во вистинското познавање на Него:

18 и да ги избистри очите на вашето срце, за да знаете каква е надежта на Неговото повикување, колкаво е богатството на Неговото славно наследство во светите,

19 и колку е преголема Неговата сила кон нас, кои веруваме - според дејствувањето на Неговата моќна сила;