7 А секому од нас му е дадена благодатта според мерката на Христовиот дар.
8 Затоа се вели: „Издигајќи се на височина, поведе робје; им даде дарови на луѓето.”
9 А „се издигна” - што значи друго, туку дека слегол во долните места на земјата?
10 Тој Кој слезе, тоа е Оној истиот, Кој се издигна над сите небеса, за да исполни сè.
11 И Тој даде едни за апостоли, а други за пророци; едни за евангелисти, а други за пастири и учители,
12 за да се усовршат светите за делото на службата, за изградување на Христовото Тело,
13 додека сите не дојдеме до единството на верата и на познавањето на Божјиот Син, до совршениот човек, до полната мерка на Христовиот раст: