Галатите 3 MKB

1 О неразумни Галатјани! Кој ве маѓепса вас, пред чии очи Исус Христос е јасно нацртан како распнат?

2 Сакам само ова да го научам од вас: дали Го примивте Духот врз основа на делата на Законот или преку слушањето со вера?

3 Толку ли сте неразумни? Што почнувајќи со Духот, сега сами завршувате со тело?

4 Дали толку многу страдавте напразно? Ако е навистина напразно!

5 А Оној, Кој ви дава Дух и прави силни дела во вас, дали го прави тоа врз основа на делата на Законот или преку слушањето со вера?

6 Како што и Авраам „му поверува на Бога и тоа му се засмета за праведност.”

7 И така, признајте, дека Авраамови синови се оние, кои се од верата.

8 А и Писмото предвиде, дека Бог преку верата ги оправдува народите, и однапред му го навести Евангелието на Авраама: „Во тебе ќе бидат благословени сите народи.”

9 И така, оние, кои веруваат се благословени заедно со верниот Авраам.

10 Имено, кои ги прават делата на Законот, под клетва се, зашто е пишано: „Проклет да е секој, кој не е постојан во сè што е напишано во Книгата на Законот, да го исполнува тоа.”

11 А дека никој не е оправдан пред Бога преку Законот, јасно е, зашто „праведникот ќе живее од верата.”

12 А Законот не е од верата, туку вели: „Кој ги исполнува, ќе живее преку нив.”

13 Христос нè откупи од проклетството на Законот, откако стана проклетство за нас, зашто е пишано: „Проклет да е секој, кој виси на дрво!” -

14 Та Авраамовиот благослов да дојде на народите во Христа Исуса, и да Го примиме преку верата ветувањето на Духот.

15 Браќа, зборувам по човечки: заветот што човек го потврдил, никој не го отфрла, ниту му додава нешто.

16 А ветувањата им беа дадени на Авраама и на неговото семе. И не вели: „и на семињата”, како за мнозина; туку како за еден: „и на твоето Семе” Кој е Христос.

17 Го велам и ова: Законот што стана по четири стотини и триесет години, не го поништува заветот, кого Бог го потврдил порано, ниту го поништува ветувањето.

18 Зашто, ако наследството доаѓа од Законот, тоа веќе не е од ветувањето; но Бог му го подари на Авраама преку ветувањето.

19 Тогаш, зошто е Законот? Тој е определен со посредство на ангели, со рака на еден посредник, па е додаден заради престапите, додека не дојде Семето, Кому Му е дадено ветувањето.

20 Посредник пак нема таму, каде што е само еден; а Бог е еден.

21 Според тоа, дали е Законот противен на Божјите ветувања? Далеку од тоа! Зашто, ако беше даден закон, што може да даде живот, тогаш навистина праведноста би била од законот.

22 Но Писмото сите ги затвори под грев, и врз основа на верата во Исуса Христа ветувањето да им биде дадено на оние, кои веруваат.

23 А пред да дојде верата, бевме под стражата на законот, затворени, до времето на верата која требаше да се открие.

24 Така, Законот ни беше наш воспитач до Христа, за да се оправдаме преку верата.

25 А сега дојде верата, и не сме повеќе под воспитувачот.

26 Зашто, сите сте Божји синови преку верата во Христа Исуса,

27 зашто сите, кои се крстивте во Христа, се облековте со Христа.

28 Нема веќе ни Јудеец ни Грк, нема веќе ни роб ни слободен, нема веќе ни машко ни женско, зашто вие сите сте едно во Христа Исуса.

29 А ако сте пак вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, наследници по ветувањето.

поглавја

1 2 3 4 5 6