Галатите 6 MKB

1 Браќа, ако и да падне некој во некаков грев, вие, кои сте духовни, поправувајте го таквиот во духот на кротоста, но чувај се себеси и ти да не бидеш искушан.

2 Носете ги бремињата еден на друг, и со тоа ќе го исполните законот Христов!

3 Зашто, ако некој мисли дека е нешто, а не е ништо, самиот се измамува.

4 А секој да го испита своето дело, па тогаш ќе има пофалба само пред себеси, а не пред друг.

5 Зашто секој ќе го носи своето бреме.

6 А кој се учи на словото, нека ги дели сите свои добра со оној, кој го учи.

7 Не лажете се: Бог не дозволува да биде изигран! Зашто што човекот ќе посее, тоа и ќе жнее:

8 кој сее во своето тело, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во Духот, од Духот ќе пожнее вечен живот.

9 Да не бидеме уморни да правиме добро, зашто ќе жнееме во право време, ако не се умориме.

10 Затоа, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на оние, кои припаѓаат на нашето семејство по вера.

11 Видете, колкави букви ви напишав со сопствена рака!

12 Сите оние, кои сакаат да се прават важни со телото, тие ве приморуваат да се обрезувате, само за да не бидат гонети заради Христовиот крст.

13 Зашто ни самите тие, кои се обрезуваат, не го пазат Законот, а сакаат вие да се обрезувате, за да се фалат со вашето тело.

14 А јас сум далеку од тоа да се фалам со нешто друго, освен во крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого светот е распнат за мене и јас за светот!

15 Зашто ниту обрезанието е нешто ниту необрезанието, туку ново создание.

16 И на сите, кои ќе го следат ова правило - мир и милост, на нив, и на Божјиот Израел.

17 Во иднина никој да не ми досадува повеќе, зашто ги носам Исусовите рани во своето тело.

18 Браќа, благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вашиот дух! Амин!

поглавја

1 2 3 4 5 6