Галатите 4 MKB

1 Ви велам пак, додека е наследникот малолетен, со ништо не се разликува од робот, иако е господар на сè.

2 Туку е под настојници и управители до рокот определен од таткото.

3 Така и ние, додека бевме малолетни, бевме заробени под првобитните учења на светот;

4 а кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, роден од жена, роден под Законот,

5 за да ги откупи оние, кои беа под Законот, за да го примиме посинувањето.

6 А бидејќи сте синови, Бог Го испрати во вашите срца: Духот на Својот Син, Кој вика: „Ава, Татко!”

7 Затоа не си повеќе роб, туку син; а ако си син, тогаш си и наследник на Бога преку Христа.

8 Но вие порано, не познавајќи Го Бога, им служевте ропски на боговите, кои по природа не се тоа.

9 А сега, кога Го познавате Бога, или уште подобро: откако Бог ве позна вас - како можете пак да им се враќате на слабите и бедни елементарни учења, на кои сакате пак одново да им служите ропски?

10 Внимавате на деновите, и месеците, и времињата, и годините.

11 Се плашам за вас, да не се трудев напразно за вас.

12 Ве молам, браќа, бидете каков што сум јас, зашто и јас сум како вас! Вие со ништо не сте ме навредиле.

13 А знаете дека за првпат во телесна слабост, ви го проповедав Евангелието;

14 и искушението, кое беше за вас, во моето тело, не го отфрливте, ниту се згнасивте од него; туку ме примивте како Божји ангел, како Христа Исуса.

15 Сега, каде е она ваше блаженство? Зашто ви сведочам, дека кога би било можно, би ги извадиле своите очи и би ми ги дале мене.

16 Дали ви станав непријател затоа, што ви ја зборувам вистината?

17 Тие не ревнуваат добро за вас, туку сакаат да ве одвојат, за да ревнувате за нив.

18 Меѓутоа, добро е секогаш да ревнувате во доброто, а не само кога сум јас при вас,

19 деца мои, кои пак сум во породилни маки, додека Христос се вообличи во вас.

20 Би сакал да сум сега при вас, и да го изменам својот глас, зашто сум во сомнение за вас.

21 Кажете ми, вие, кои сакате да бидете под Законот: не го слушате ли Законот?

22 Зашто е напишано дека Авраам имал два сина: едниот од робинката, а другиот од слободната.

23 Но оној, од робинката, роден е по тело, а оној од слободната преку ветувањето.

24 Ова е речено сликовито: тие жени се двата завета; едниот од гората Синај, кој раѓа за ропство; тој е Агара -

25 зашто Агара е Синајската Гора во Арабија, и му одговара на сегашниот Ерусалим, кој робува со своите деца.

26 Но небесниот Ерусалим е слободен, тој е наша мајка,

27 зашто е напишано: „Весели се неплодна, која не раѓаш; воскликни и извикај ти, која не си имала породилни маки; зашто оставената има повеќе деца, отколку онаа, која има маж.”

28 И вие сте, браќа, деца на ветувањето како Исак.

29 И како што некогаш оној, кој се роди по тело, го гонеше оној, кој се роди по дух, така е и сега.

30 А што вели Писмото? „Истерај ја робинката и нејзиниот син, зашто синот на робинката нема да наследи со синот на слободната!”

31 Затоа, браќа, ние не сме деца на робинката, туку на слободната.

поглавја

1 2 3 4 5 6