Галатите 3:15-21 MKB

15 Браќа, зборувам по човечки: заветот што човек го потврдил, никој не го отфрла, ниту му додава нешто.

16 А ветувањата им беа дадени на Авраама и на неговото семе. И не вели: „и на семињата”, како за мнозина; туку како за еден: „и на твоето Семе” Кој е Христос.

17 Го велам и ова: Законот што стана по четири стотини и триесет години, не го поништува заветот, кого Бог го потврдил порано, ниту го поништува ветувањето.

18 Зашто, ако наследството доаѓа од Законот, тоа веќе не е од ветувањето; но Бог му го подари на Авраама преку ветувањето.

19 Тогаш, зошто е Законот? Тој е определен со посредство на ангели, со рака на еден посредник, па е додаден заради престапите, додека не дојде Семето, Кому Му е дадено ветувањето.

20 Посредник пак нема таму, каде што е само еден; а Бог е еден.

21 Според тоа, дали е Законот противен на Божјите ветувања? Далеку од тоа! Зашто, ако беше даден закон, што може да даде живот, тогаш навистина праведноста би била од законот.