Даниел 10 MKB

1 Во третата година на Кир, персискиот цар, на Даниел, наречен Валтазар, му дојде откровение на вистина: голема војна. Тој настојуваше да го разбере словото и разбирањето му беше дадено во привид.

2 Во тие денови, јас, Даниел, жалев три седмици:

3 не јадев течни јадења; месо ни вино не влегуваа во мојата уста, и не се мачкав со масло додека не поминаа трите седмици.

4 Во дваесет и четвртиот ден на првиот месец бев на брегот на големата река Тигар;

5 ги подигнав очите да видам, и ете: Човек облечен во ленена облека околу половината имаше појас од Уфаско злато,

6 телото му беше како хрисолит, лицето како молња, очите како огнени гламни, рацете и нозете како светната бронза, звукот на неговите зборови како врева на многу народи.

7 Единствено јас, Даниел, го гледав овој привид; луѓето кои беа со мене не го видоа, ама ги опфати голем страв та избегаа за да се скријат.

8 Останав сам гледајќи го тоа големо привидение; се обессилив, лицето ми пребледе, се обезобрази, силата ме остави.

9 Го чув гласот на неговите зборови и кога го разбрав гласот, се обесвестив и паднав со лицето на земјата.

10 И ете: ме допре рака и ми помогна да се потпрам врз колената и врз дланките.

11 Тој ми рече: „Даниеле, љубимче, внимавај на зборовите што ќе ти ги речам! Стани, зашто еве јас сум испратен кај тебе.” Тоа го рече, а јас станав треперејќи.

12 И ми рече: „Не бој се Даниеле, зашто од првиот ден кога одлучи да се понизиш пред Својот Бог за да разбереш, твоите зборови се послушани, и јас дојдов заради твоите зборови.

13 Кнезот на персиското царство ми се противеше дваесет и еден ден, но Михаел, еден од првите кнезови, ми дојде на помош. Го оставив спроти персиските цареви,

14 а јас дојдов за да ти кажам што ќе му се случи на твојот народ до крајот на деновите. Зашто ќе биде уште еден привид за оние денови.”

15 Откако ми го рече тоа, јас го оборив погледот кон земјата, без зборови.

16 И ете: оној, сличниот на човечките синови, се допре до моите усни. Ја отворив устата за да зборувам та му реков на оној кој стоеше пред мене: „Господару мој, заради овој привид ме опфатија тешкотии, и останав без сила.

17 И како слугата на својот Господар ќе зборува со Господарот, кога сосем се обессилив и ме остави здивот?”

18 Тогаш пак ме допре оној што беше како човек и ме поткрепи.

19 Тој рече: „Не бој се љубимецу! Мир ти тебе! Биди јак! Охрабри се! И додека ми го зборуваше тоа, јас се охрабрив па реков: „Зборувај Господару, зашто ме охрабри!”

20 Тогаш тој рече: „Знаеш ли зошто дојдов кај тебе? Сега ќе се вратам за да се борам против кнезот на Персија; а штом свршам, ќе дојде кнезот на Грција.

21 Ама пред тоа ќе ти откријам што е запишано во Книгата на Вистината. Нема никој кој би се борел со мене против нив, освен Михаел, вашиот кнез,

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12