Даниел 9 MKB

1 Во првата година на Дариј, синот Хасвиров, од родот на Мидијците, кој владееше со Халдејското царство,

2 и така во првата година на неговото царување, јас, Даниел, ги истражував во Писмата бројот на годините, што - според зборовите кои Господ му ги упати на пророкот Еремија - требаа да се исполнат над урнатините на Ерусалим: седумдесет години.

3 Јас го обратив своето лице кон Господа Бога, настојувајќи да се молам и да просам во пост, со вреќиште и со пепел.

4 Јас му се молев на Господа, својот Бог, исповедувајќи се, реков: „Ах, Боже мој, велики и страшен Боже, Кој им го пазиш Сојузот и наклонетоста на оние кои Те љубат Тебе и кои ги пазат Твоите заповеди!

5 Ние согрешивме, ние направивме беззаконие, сторивме зло, се одметнавме и се оддалечивме од Твоите заповеди и наредби.

6 Не ги слушавме Твоите слуги, пророците, кои им зборуваа во Твое име на нашите цареви, на нашите кнезови, на нашите татковци, на сиот народ на земјата.

7 Господи, во Тебе е праведноста, а во нас срам на образот, како во овој ден во нас Јудејците, во Ерусалимците, во сиот Израел кои се близу и кои се далеку, во сите земји каде што си ги растерал заради нивните отстапувања со кои отстапија од Тебе.

8 Господи, срам на образот наш, на нашите цареви, на нашите кнезови, на нашите татковци, зашто згрешивме против Тебе.

9 Во Господа нашиот Бог е милоста и проштавањето зашто се одметнавме од Него,

10 и не го слушавме гласот на Господа, нашиот Бог, за да ги следиме Неговите закони, што ни ги даде преку Своите слуги, пророците.

11 Сиот Израел го престапи Твојот Закон, се одметна не слушајќи го Твојот глас, затоа врз нас се излеа клетвата и проклетството, како што е запишано во Законот на Мојсеј, Божјиот слуга - зашто згрешивме пред Него.

12 Ги исполни своите слова кои што ги рече за нас и за нашите судии кои ни судеа: навали врз нас тешка несреќа каква што не се случила под небото како што се случи во Ерусалим.

13 Сета оваа беда, како што е запишано во Мојсеевиот Закон, дојде на нас, а ние не го молевме Господа, нашиот Бог: за да се одвратиме од нашите беззаконија па да ја сознаеме Твојата вистина.

14 Господ ја набљудуваше таа беда и ја доведе врз нас. Зашто праведен е Господ, нашиот Бог, во сите Свои дела што ги направи, а ние не го слушавме Неговиот глас.

15 А сега, Господи, Боже наш, Кој со Твојата силна рака го изведе Твојот народ од Египетската Земја - и со тоа си придоби Име кое трае до денес: ние согрешивме, ние направивме зло.

16 Господи, според сета Твоја правда одврати ги Твојот гнев и Твојата јарост од Ерусалим, од Твојот град, од Твојата Света Гора, зашто заради нашите гревови и беззаконијата на нашите татковци, Ерусалим и Твојот народ се за срам на сите кои не опкружуваат.

17 А сега, о Боже наш, послушај ги молитвата на Својот слуга и неговите срдечни молби. Твоето лице нека заблеска над Твоето запустено Светилиште - заради Тебе, Господи!

18 Приклони го Твоето уво, Боже мој, и слушај! Отвори ги очите та погледај ја нашата пустина и градот што се вика со Твоето име! Зашто ние не Те молиме заради својата правда, туку заради Твоите големи милости.

19 Господи чуј! Господи, прости! Господи внимавај и дејствувај! Не се двоуми заради Тебе, Боже мој, зашто со Твоето име се викаат Твојот град и Твојот народ!”

20 Јас зборував уште, молејќи се и исповедувајќи ги моите гревови и гревовите на мојот народ Израел и заколнувајќи го срдечно Господа, мојот Бог, за Светата Гора на мојот Бог.

21 И така додека јас уште зборував молејќи се, оној човек, Гавриел кого го видов во почетокот на привидот, долета со брзо летање, ме допре во времето на вечерниот принос

22 и ме поучи: „Даниеле, еве ме: дојдов да те поучам.

23 Од почетокот на твојата молитва излезе слово, и јас дојдов да ти го навестам. Ти си љубимец. Внимавај добро на словото, разбери го видението.

24 Седумдесет седмици им се одредени на твојот народ и на Твојот Свет град, за да се доврши престапот, за да му се стави печат на гревот, за да се покрие беззаконието, за да се воведе вечна праведност, за да им се стави печат на привидот и на пророците, за да се помаже Светиот над светите.

25 Знај и разбери: Од мигот кога ќе излезе словото: „Нека се вратат и нека го изградат пак Ерусалим па до Кнезот Помазаник ќе бидат седум седмици, и тогаш шеесет и две седмици, и пак ќе бидат изградени улиците и окопот и тоа во тешки времиња.

26 А по шеесет и две седмици Помазаникот ќе биде погубен, но не за себе. Народот на еден кнез кој ќе дојде ќе ги разурнат Градот и Светилиштето: свршетокот им е во пропаст, а до свршетокот војна и одредени запустувања.

27 И ќе склучи сојуз со мнозина за една седмица: а во половината на седмицата ќе прекрати жртвата и приносот: на врвот на Храмот ќе биде грозноста на запустувањето сè до свршетокот, додека одреденото запустување не падне врз запустувачот.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12