1 Во третата година на царувањето на Валтазар ми се покажа мене, на Даниел, видение, по она што ми се покажа порано.
2 Го гледав видението, и додека гледав, се најдов во Сусана, цврст град во покраината Елам; и во привидот се видов при реката Улај.
3 Ги подигнав очите, и ете: овен стоеше покрај реката. Имаше два рога: двата рога беа високи, но едниот повисок од другиот, а оној повисокиот израсте после.
4 Гледав како овенот боде кон запад, кон север и кон југ. Ниедно животно не можеше да му устои, ништо не можеше да му избега. Правеше што сакаше, се засили.
5 Додека набљудував, ете: јарец доаѓа од запад врз сета земја, не допирајќи ја почвата; јарецот имаше силен рог меѓу очите.
6 Му се приближи на двороговиот овен, кого го бев видел дека стои покрај реката, и се затрча кон него со сета жестина на својата сила.
7 Видов како му се приближи на овенот; бесно го удри овенот и му ги скрши двата рога, а овенот немаше сила за да даде отпор; јарецот го обори на земјата и почна да го гази; немаше никој да го спаси овенот.
8 Јарецот се засили многу, но кога се засили, големиот рог се скрши, а на неговото место израстеа четири големи рогови кон четирите небесни ветра.
9 Од едниот од нив изби мал рог, ама тој израсте многу кон југ и исток, кон Прекрасната Земја.
10 Тој порасте сè до Небесната Војска, ги обори на земја некои од Војската и од ѕвездите па ги згази.
11 Порасте сè до Заповедникот на Војската, му ја одзеде секојдневната жртва и Му го разори неговото Свето Место.
12 Војската се дигна против секојдневната жртва заради нечесноста, ја обори вистината на земја, и успеа во сè што правеше.
13 Тогаш чув како еден Светец зборува, а втор Светец го праша оној што зборуваше: „До кога ќе трае овој привид за секогашната жртва и за престапот што ги запустува и гази Светилиштето и Војската?”
14 Одговори: „Уште две илјади и три стотини вечери и утра; тогаш Светилиштето ќе биде очистено.”
15 Кога јас, Даниел, гледајќи го овој привид, барав да го разберам, ете, пред мене застана како некој човек.
16 Чув човечки глас како вика од сред Улај: „Гаврило, објасни му го тоа привидение!”
17 Тој тргна онаму каде што стоев, и кога ми се приближи, ме опфати страв, и паднав на лице. Тој ми рече: „Човечки сине, разбери: зашто ова видение е за последното време.”
18 Тој зборуваше уште, а јас се обесвестив, паднав на земјата. Тој ме допре и ме исправи на моето место.
19 И рече: „Еве, ќе ти кажам што ќе дојде на крајот на гневот, најавениот свршеток.
20 Овенот што го виде - неговите два рога - тоа се царевите на Мидија и Персија.
21 Влакневиот јарец е царот на Грција; големиот рог меѓу неговите очи е првиот цар;
22 скршениот рог и четирите рога што излегоа на неговото место, тоа се четири царства што ќе излезат од неговиот народ, но не ќе ја имаат неговата сила.
23 И кон крајот на нивното царување кога беззакониците ќе ја исполнат мерата, ќе стане цар, дрзок и лукав.
24 Неговата сила ќе порасте, ама не со своја снага; ќе запустува чудесно, ќе успева во сите свои потфати, ќе ги сотрува јунаците и народот на Светите.
25 Заради неговата лукавост измамата ќе успева во неговата рака. Тој ќе се вознесе во своето срце, ќе упропасти мнозина во мирно време. Ќе Му се противи на Кнезот над кнезовите, ама - не со рака - ќе биде скршен.
26 Привидот за вечерите и за утрата за кои што беше збор, вистинит е; но ти запечати го, зашто е за далечни денови.”
27 Тогаш јас, Даниел, примрев и бев болен повеќе денови. Потоа станав за да ги вршам царските работи. Бев смутен заради привидот, но никој не го узна тоа.