Даниел 11:32-38 MKB

32 Со своите сплетки ќе ги наведат на отпаднување оние кои згрешија против Заветот, но луѓето кои Го љубат Бога ќе се засилат и ќе дејствуваат.

33 Разумните во народот ќе го поучуваат мноштвото, ама едно време ќе ги сотрува со меч, и со оган, со заточение и со грабеж.

34 Додека ги затираат, само неколкумина ќе им помагаат, а мнозина ќе им се придружат измамливо.

35 Некои од разумните ќе настрадаат за да се испитаат, за да се очистат и за да обелат до времето на свршетокот, зашто уште не дојде одреденото време.

36 Царот ќе постапува како што ќе сака, вознесувајќи се и воздигнувајќи се себеси над сите богови: против Бога над боговите ќе зборува хули, и ќе успева додека не се исцрпи гневот - зашто она што е одредено, тоа ќе се исполни.

37 Не ќе се грижи за боговите на своите татковци, ни за љубовта на жените, ниту за кој и да е друг бог: ќе се издига самиот себе над сите.

38 Место нив ќе го почитува богот на тврдините, богот кого не го познаваа неговите татковци, ќе го почитува со злато и сребро, со бесцени камења и со други скапоцености.