Даниел 3:13-19 MKB

13 Навуходоносор, јаростен и бесен, ги повика Седраха, Мисаха и Авденаго. Веднаш ги доведоа пред царот.

14 А Навуходоносор им рече: „Дали е вистина, Седрах, Мисах и Авденаго, дека вие не им служите на моите богови, и дека не му се поклонувате на златниот кип што го подигнав?

15 Дали сте волни, штом ќе чуете звук на рог, на кавал, на харфа, на китара, на псалтир, на гајда и на секакви други свиралки, да паднете на земјата и да му се поклоните на кипот што го направив? Ако не му се поклоните, ќе бидете веднаш фрлени во вжарена печка; и кој е тој бог кој ќе ве избави од мојата рака?”

16 Седрах, Мисах и Авденаго му одговорија на царот Навуходоносор: „Не треба да ти одговориме на тоа.

17 Нашиот Бог Кому Му служиме може да нè избави од вжарената печка и од твојата рака, цару; Тој и ќе нè избави.

18 Но ако тоа и не го направи знај, о цару: ние нема да им служиме на твоите богови, ниту ќе му се поклониме на кипот што си го подигнал.”

19 На тие зборови царот Навуходоносор се исполни со гнев, а лицето му се измени кон Седрах, Мисах и Авденаго.