Даниел 3:21-27 MKB

21 И така, ги врзаа, и со наметките, со обувките и со капите, ги фрлија во вжарената печка.

22 Бидејќи царската заповед беше итна а печката вжарена преку мера, пламенот ги уби луѓето кои ги фрлија Седрах, Мисах и Авденаго.

23 А тројцата мажи - Седрах, Мисах и Авденаго - паднаа врзани во вжарената печка.

24 Тогаш царот Навуходоносор се вчудоневиди и стана бргу. Ги праша своите советници: „Не ги фрливме ли оние тројца мажи врзани во огнот?” Тие одговорија: „Ги фрливме цару!”

25 Тој рече: „Ама јас гледам четири мажи, одврзани шетаат по огнот, и не им се случува ништо зло; четвртиот е сличен на синот на боговите!”

26 Навуходоносор и пријде на вратата на вжарената печка и викна: „Седрах, Мисах и Авденаго, слуги на Сèвишниот Бог, излезете и дојдете ваму!” Тогаш Седрах, Мисах и Авденаго излегоа од огнот.

27 Сатрапите, старешините, управителите и царевите советници се собраа за да ги видат тие луѓе: огнот не им наштети на нивните тела, косата на главата им беше неопрлена, наметките неоштетени, никаков непријатен мирис од огнот не се фати за нив.