Даниел 3:5-11 MKB

5 во часот кога ќе ги чуете звуците на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, паднете на земјата и поклонете му се на златниот кип што го подигна царот Навуходоносор!

6 Кој не ќе падне на земја и не ќе се поклони веднаш ќе биде фрлен во вжарена печка.”

7 Затоа, штом го слушнаа звукот на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, паднаа на земјата сите народи, племиња и јазици, поклонувајќи му се на златниот кип што го подигна царот Навуходоносор.

8 Тогаш дојдоа некои Халдејци и ги оптужија Јудејците.

9 Му рекоа на царот Навуходоносор: „О цару, жив да си довека!

10 Ти, цару, му нареди на секој човек кој ќе ги чуе звуците на рогот, на кавалот, на харфата, на китарата, на псалтирот, на гајдата и на секакви други свиралки, да падне на земјата и да му се поклони на златниот кип;

11 а кој не ќе падне на земјата и не ќе се поклони да биде фрлен во вжарена печка.