Даниел 4:12-18 MKB

12 Неговата круна беше убава, плодовите изобилни; на него имаше храна за сите, во неговата сенка се одмораа полските ѕверови, врз неговите гранки небесните птици, и секое тело се хранеше од него.

13 Јас ги набљудував виденијата што ми се мотаа во главата на мојата постела кога, ете, Стражар, Светец, слегува од небото,

14 вика со силен глас: „Пресечете го дрвото, искастрете му ги гранките, скинете му ги лисјата, расфрлете ги плодовите! Животните нека се разбегаат од под него и птиците од неговите гранки!

15 Во земјата оставете ги пенушките и корењата во железни и бронзени окови, во полската трева! Нека го мие небесната роса, и земната трева нека ја дели со полските ѕверови!

16 Човечкото срце нека му се смени, нека му се даде животинско срце! Седум времиња нека поминат над него!

17 Така пресудија стражарите, така одлучија светите, за да запознае сè живо дека Сèвишниот има власт над човечкото царство, Тој го дава кому што сака и го поставува над него најништожниот од луѓето!”

18 Ова е сонот што го видов јас, царот Навуходоносор. А ти, Валтазаре, кажи ми го неговото значење, зашто ниеден од мудреците на моето царство не може да ми го каже тоа; ти можеш, зашто во тебе е Духот на Светиот Бог.’”