Даниел 5:2-8 MKB

2 Испијанет со вино, Валтазар нареди да се донесат златните и сребрените посатки, што неговиот татко Навуходоносор ги беше ограбил од ерусалимското Светилиште, па од нив да пијат царот, неговите големци, неговите жени и соложници.

3 И така ги донесоа златните и сребрените посатки грабнати од Божјиот Храм во Ерусалим, и почнаа да пијат од нив царот и неговите големци, неговите жени и соложници.

4 Пиеја вино и ги славеа своите богови од злато и сребро, од бронза и железо, од дрво и камен.

5 Одненадеж се појавија прсти на човечка рака кои почнаа да пишуваат, спроти големиот светилник, по варосаниот ѕид на царскиот дворец, и царот ја виде дланката на раката што пишуваше.

6 Царот пребледе, мислите го смутија, зглобовите на неговите колкови попуштија, и колената почнаа да му удираат едно со друго.

7 Гласно ги повика волшебниците, ѕвездарите и гаталците. И царот им рече на вавилонските мудреци: „Кој ќе го прочита ова писмо и му ја открие неговата смисла, ќе биде облечен во црвено сукно, ќе носи златна веришка околу вратот, и ќе биде трет во царството.”

8 Сите цареви мудреци пристапија, но не можеа да го прочитаат писмото, ниту да му го откријат значењето.