Даниел 6:22-28 MKB

22 Мојот Бог го испрати Својот ангел; им ги затвори устите на лавовите, та не ме повредија, зашто сум невин пред Него. Па и пред тебе, о цару, јас сум без кривица.”

23 Царот се израдува многу и нареди да го извадат Даниела од јамата. Го извадија Даниела од јамата неповреден, зашто се надеваше во својот Бог.

24 Царот заповеда да ги доведат оние луѓе што го беа оптужиле Даниела, и да ги фрлат во лавовската јама, нив, нивните жени и нивните деца: уште пред да го допрат дното на јамата, лавовите ги грабнаа и им ги здробија коските.

25 Тогаш царот Дариј им напиша на сите племиња, народи и јазици што живеат по сета земја: „Да изобилувате со мир!

26 Еве ја наредбата што ја донесувам: во сето мое царство луѓето нека се бојат и нека треперат пред Даниеловиот Бог: Тој е жив Бог, Тој останува довека! Неговото Царство нема да пропадне, на Неговата власт и нема крај!

27 Тој избавува и спасува, прави знаци и чудеса на небесата и на земјата! Тој го спаси Даниела од силата на лавовите!”

28 Даниел напредуваше во времето на Дариј и во време на владеењето на Персиецот Кир.