Даниел 6:3-9 MKB

3 Даниел се истакнуваше толку со својот вонреден дух над прочелниците и над сатрапите та царот мислеше да го постави над целото царство.

4 Тогаш прочелниците и сатрапите почнаа да бараат повод, нешто околу државната управа, заради што би можеле да го обвинат Даниела: ама не можеа да најдат ништо такво на него; ништо заради што би можеле да го прекорат, зашто беше верен, немаше во него ни негрижа ни погрешка.

5 Тогаш тие луѓе рекоа: „Не ќе најдеме никаков повод против Даниел, освен да најдеме нешто против него во законот на неговиот Бог.”

6 Тогаш прочелниците и сатрапите навалија на царот та му рекоа: „О цару Дариј, жив да бидеш довека!

7 Сите прочелници на царството претстојниците и сатрапите, советниците и наместниците се сложија во тоа дека царот треба да издаде наредба и забрана: секој оној кој во рок од триесет денови ќе упати молба било до кој бог или човек, освен до тебе, о цару, ќе биде фрлен во лавовска јама.

8 О цару, потврди ја таа забрана и потпиши ја наредбата за да биде неотповиклива според непроменливиот мидиско-персиски закон!”

9 Тогаш царот Дариј ги потпиша писмото и забраната.