Даниел 6:5-11 MKB

5 Тогаш тие луѓе рекоа: „Не ќе најдеме никаков повод против Даниел, освен да најдеме нешто против него во законот на неговиот Бог.”

6 Тогаш прочелниците и сатрапите навалија на царот та му рекоа: „О цару Дариј, жив да бидеш довека!

7 Сите прочелници на царството претстојниците и сатрапите, советниците и наместниците се сложија во тоа дека царот треба да издаде наредба и забрана: секој оној кој во рок од триесет денови ќе упати молба било до кој бог или човек, освен до тебе, о цару, ќе биде фрлен во лавовска јама.

8 О цару, потврди ја таа забрана и потпиши ја наредбата за да биде неотповиклива според непроменливиот мидиско-персиски закон!”

9 Тогаш царот Дариј ги потпиша писмото и забраната.

10 Откако научи Даниел дека повелбата е потпишана, отиде во својата куќа. Прозорците на горната соба беа отворени кон Ерусалим. Таму тој три пати дневно паѓаше на колена, благословувајќи Го, молејќи Го и фалејќи Го Бога, како што правеше секогаш.

11 Оние луѓе навлегоа и го најдоа Даниела како Го моли и Го повикува својот Бог.