Даниел 9:12-18 MKB

12 Ги исполни своите слова кои што ги рече за нас и за нашите судии кои ни судеа: навали врз нас тешка несреќа каква што не се случила под небото како што се случи во Ерусалим.

13 Сета оваа беда, како што е запишано во Мојсеевиот Закон, дојде на нас, а ние не го молевме Господа, нашиот Бог: за да се одвратиме од нашите беззаконија па да ја сознаеме Твојата вистина.

14 Господ ја набљудуваше таа беда и ја доведе врз нас. Зашто праведен е Господ, нашиот Бог, во сите Свои дела што ги направи, а ние не го слушавме Неговиот глас.

15 А сега, Господи, Боже наш, Кој со Твојата силна рака го изведе Твојот народ од Египетската Земја - и со тоа си придоби Име кое трае до денес: ние согрешивме, ние направивме зло.

16 Господи, според сета Твоја правда одврати ги Твојот гнев и Твојата јарост од Ерусалим, од Твојот град, од Твојата Света Гора, зашто заради нашите гревови и беззаконијата на нашите татковци, Ерусалим и Твојот народ се за срам на сите кои не опкружуваат.

17 А сега, о Боже наш, послушај ги молитвата на Својот слуга и неговите срдечни молби. Твоето лице нека заблеска над Твоето запустено Светилиште - заради Тебе, Господи!

18 Приклони го Твоето уво, Боже мој, и слушај! Отвори ги очите та погледај ја нашата пустина и градот што се вика со Твоето име! Зашто ние не Те молиме заради својата правда, туку заради Твоите големи милости.