Даниел 9:2-8 MKB

2 и така во првата година на неговото царување, јас, Даниел, ги истражував во Писмата бројот на годините, што - според зборовите кои Господ му ги упати на пророкот Еремија - требаа да се исполнат над урнатините на Ерусалим: седумдесет години.

3 Јас го обратив своето лице кон Господа Бога, настојувајќи да се молам и да просам во пост, со вреќиште и со пепел.

4 Јас му се молев на Господа, својот Бог, исповедувајќи се, реков: „Ах, Боже мој, велики и страшен Боже, Кој им го пазиш Сојузот и наклонетоста на оние кои Те љубат Тебе и кои ги пазат Твоите заповеди!

5 Ние согрешивме, ние направивме беззаконие, сторивме зло, се одметнавме и се оддалечивме од Твоите заповеди и наредби.

6 Не ги слушавме Твоите слуги, пророците, кои им зборуваа во Твое име на нашите цареви, на нашите кнезови, на нашите татковци, на сиот народ на земјата.

7 Господи, во Тебе е праведноста, а во нас срам на образот, како во овој ден во нас Јудејците, во Ерусалимците, во сиот Израел кои се близу и кои се далеку, во сите земји каде што си ги растерал заради нивните отстапувања со кои отстапија од Тебе.

8 Господи, срам на образот наш, на нашите цареви, на нашите кнезови, на нашите татковци, зашто згрешивме против Тебе.