Ездра 6 MKB

1 Кога Санавалат, Товиј, Арабјанецот Гисем и другите наши непријатели чуле дека го обновив ѕидот и дека не остана пролом во него - имено до тоа време не ги имав наместено крилата на вратите -

2 Санавалат и Гисем ми порачаа: „Дојди да се состанеме во Кефир, во Ононската Долина.” Но тие ми мислеа зло.

3 Затоа им испратив гласници со овој одговор: „Зафатен сум со голема работа и не можам да слезам: работата ќе заостане ако ја оставам, за да дојдам кај вас!”

4 Четири пати ми го праќаа истиот повик, и јас им го давав истиот одговор.

5 Тогаш, петти пат, со иста намера, Санавалат ми го испрати својот слуга со отворено писмо.

6 Во него пишуваше: „Се слуша во народот - а Гасмуј потврдува - дека ти и Јудејците се подготвувате за бунт; затоа и го градиш ѕидот, и дека сакаш да станеш нивни цар, како што велат.

7 И дека си поставил пророци за да го разгласат твојот успех во Ерусалим и да речат: ‘Јудеја има цар!’ Сега тие гласови ќе стигнат до ушите на царот: затоа дојди за да се посоветуваме.”

8 Но јас му одговорив: „Ништо не е така како што тврдиш; сето тоа е само измислица на твоето срце.”

9 Зашто тие сакаа да нè уплашат, говорејќи: „Ќе им се изнемоштат рацете од работа, и никогаш нема да ја завршат.” А јас напротив, ги закрепнав своите раце!

10 Отидов кај Семај, синот на Далаја, син Метавеилов, кој се беше затворил во својата куќа. Тој ми објави: „Да се најдеме во Божјиот Дом сред Храмот, и да ја затвориме вратата на Храмот, зашто ќе дојдат да те убијат. Да, уште ноќеска ќе дојдат да те убијат!”

11 А јас одговорив: „Зар да бега човек каков што сум јас? Кој човек, сличен на мене, може да влезе во Храмот и да остане жив? Не, јас не одам.”

12 И тогаш разбрав: Бог не го испратил, туку ми го објави пророштвото, зашто Товиј и Санавалат го поткупија,

13 за да постапам онака, исплашен, та да згрешам. Тоа ќе им послужеше да ме озлогласат и да ми се потсмеваат!

14 Спомни си, Боже мој, за Товиј и за Санавалат според овие нивни дела, а и за пророчицата Ноадија и за другите пророци, што сакаа да ме исплашат.

15 Ѕидот беше завршен на дваесет и петтиот ден на Елул, за педесет и два дена.

16 А кога чуја сите наши непријатели и видоа сите многубошци околу нас, тоа беше чудо во нивните очи, зашто сфатија дека нашиот Бог го направи тоа дело.

17 А во оние денови многу еврејски големци често му праќаа свои писма на Товиј, и примаа многу од Товиј.

18 Зашто мнозина во Јудеја беа поврзани со заклетва со него: та беше во роднинство со Сеханиј, синот Арахов, и со неговиот син Јоанан, кој ја зеде за жена ќерката на Месулам, синот Варахиев.

19 И ги величаа пред мене неговите дела, а нему му ги пренесуваа моите зборови. Затоа Товиј и испраќаше писма да ме исплаши.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13