Ездра 8 MKB

1 Тогаш сиот народ се собра како еден човек на ширината што е пред Водната Врата. Му рекоа на книжевникот Ездра да го донесе свитокот на Мојсеевиот Закон што Господ му го даде на Израел.

2 И во првиот ден на седмиот месец свештеникот Ездра го донесе Законот пред собирот на мажите, жените и на сите, кои беа способни да го разберат.

3 На плоштадот што е пред Водната Врата, почна да го чита свитокот, од раното утро до пладне, пред мажите и жените и пред оние, кои беа зрели. Сиот народ го слушаше покорно свитокот на Законот.

4 Книжевникот Ездра стоеше на дрвена говорница, што ја подигнаа за таа прилика. Покрај него стоеја: од десната страна Мататиј, Сема, Анај, Уриј, Хелкији Масиј, а од левата страна: Федај, Мисаил, Малхиј, Асум, Асвадон,Захариј и Месулам.

5 Ездра го отвори свитокот пред очите на сиот народ - зашто беше повисок од сиот народ - а кога го отвори, сиот народ стана.

6 Тогаш Ездра го благослови Господа, великиот Бог, а сиот народ, со подигнати раце, одговори: „Амин! Амин!” Потоа клекнаа и се поклонија пред Господа, со лицето доземја.

7 А левитите Исус, Ваниј, Серевиј, Јамин, Акув, Саветај, Одиј, Масиј, Келит, Азариј, Јозавад, Анан и Пелај му го објаснуваа Законот на народот, а народот стоеше на своето место.

8 И читаа од свитокот на Божјиот Закон по одломки и ја разјаснуваа смислата за да може народот да разбере што се чита.

9 Потоа намесникот Неемија, и свештеникот и книжевникот Езра и левитите кои го поучуваа народот, му рекоа на сиот народ: „Ова е ден посветен на Господа, вашиот Бог! Не тажете, не плачете!” Зашто сиот народ плачеше, слушајќи ги зборовите на Законот.

10 И Неемија уште им рече: „Отидете и јадете мрсни јадења, и пијте благо, и испратете им дел на оние, кои немаат ништо подготвено, зашто ова е ден посветен на нашиот Господ. Не нажалувајте се: Господовата радост е ваша сила,

11 И левитите го смируваа сиот народ, велејќи: „Смирете се: ова е свет ден. Не тажете!”

12 И сиот народ отиде да јаде и да пие, и да испраќа оброци, и да слави голема прослава: зашто ги сфатија зборовите, кои им беа објавени.

13 На вториот ден се собраа главатарите на семејствата на сиот народ, свештениците и левитите околу книжевникот Езра за да ги проучат зборовите на Законот.

14 И најдоа напишано во Законот, што Господ го нареди преку слугата Мојсеј: „Синовите Израелеви нека живеат под сеници за време на свеченостите во седмиот месец.”

15 Штом чуја, прогласија во сите свои градови и во Ерусалим: „Одете во горите и донесете маслинови гранки, и гранки од диви маслинки, миртови и палмини гранки, и гранки од другите дрва со лисја, за да направиме сеници, како што е пропишано.”

16 И народот отиде и донесе гранки, и направија сеници, секој врз својот покрив, и во своите дворови, и во дворот на Божјиот Дом, на ширината кај Водната Врата и на онаа кај Ефремовата Врата.

17 Сиот собир на оние, кои се вратија од ропство, направи сеници, и живееја во нив - Израелците не го правеа тоа од времето на Исус, Навиновиот син, сè до тој ден. И беше мошне голема радост.

18 Езра го читаше свитокот на Божјиот Закон секој ден, од првиот до последниот. Седум дни се празнуваше празникот, а осмиот ден беше свечен собир, како што е пропишано.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13