Ездра 9 MKB

1 На дваесет и четвртиот ден на тој месец, Израелците се собраа на пост, во покајнички вреќи и опсипани со пепел на главите.

2 Израелевиот род се оддели од сите туѓинци: пристапија и ги исповедуваа своите гревови и беззаконијата на своите татковци.

3 Стоеја, секој на своето место, и го читаа свитокот на Законот на Господа, својот Бог, четвртина од денот; во другите четвртини ги исповедуваа своите гревови и Му се поклонуваа на Господа, својот Бог.

4 А Исус, Ваниј, Кадмил, Севаниј, Вуниј, Серевиј, Ваниј и Хананиј, откако се качија на повисокото место зад левитите, извикуваа со силен глас кон Господа, својот Бог.

5 И левитите Исус, Кадмил, Ваниј, Асавниј, Серевиј, Одиј, Севаниј и Петиј, велеа: „Станете, прославувајте Го Господа, нашиот Бог! Благословен да си, Господи, Боже наш, одвека довека! и нека е благословено Твоето славно Име, возвишено над секој благослов и пофалба.

6 Ти си Единствен, Господи! и го создаде небото, и небесата над небесата, и нивната војска, земјата и сè што е на неа, морињата и сè што е во нив. Ти го оживуваш сè тоа, и небесните војски Ти се клањаат Тебе.

7 Ти си, Господи, Бог, Кој го избра Аврама, го изведе него од Халдејскиот Ур, и му го даде името Авраам.

8 Неговото срце го најде пред Себе верно и склучи Завет со него дека ќе му ја дадеш Ханаанската Земја и Хетејската и Аморејската, и Ферезејската и Евусејската и Гергесејската, нему и на неговото потомство, и ги исполни Своите ветувања зашто си праведен.

9 Ги виде неволјите на нашите татковци во Египет, и го чу нивното извикување покрај Црвеното Море.

10 Со знаци и чудеса се нафрли врз фараонот, и врз неговите слуги, и врз сиот народ на неговата земја; зашто знаеше колкава беше нивната дрскост против нив. Си придоби име за себе, што трае до денес.

11 Го раздвои морето пред нив: поминаа по суво сред морето. Ги удави нивните гонители во длабочините како камен меѓу силни води.

12 Со облачен столб ги водеше дење, а ноќе со огнен столб им светеше по патот по кој одеа.

13 Слезе на Синајската Гора и им зборуваше од небото; и им даде праведни наредби, цврсти закони, прекрасни заповеди и уредби.

14 Ти им ја објави својата света сабота, им ги пропиша заповедите, наредбите и Законот преку гласот на Својот слуга Мојсеј.

15 Ги хранеше со леб од небото за време на нивната глад, вода извади од стената за нивната жед. Ти им заповеда да тргнат да ја заземат земјата за која се заколна дека ќе им ја дадеш.

16 Но тие и нашите татковци се заинатија, ги закоравија вратовите, и не ги слушаа твоите заповеди.

17 Ја одбија послушноста, ги заборавија чудесата, што ги направи за нив; ги окоравија вратовите, а во главата смислија да се вратат во ропство, во Египет. Но ти си Бог на проштавањето милостив и благ, спор на гнев, а велик во милосрдието; и не ги остави!

18 Па и направија леано теле, „Тоа е твојот бог - рекоа - кој те изведе од Египет!” и хулеа тешко,

19 а ти во бескрајно милосрдие не ги напушташе во пустината: облачниот столб не се криеше пред нив, дење ги водеше по патот, а пламениот столб ноќе светеше пред нив по патот по кој одеа.

20 Им го даде Својот добар Дух, за да ги научи на мудрост, не им ја скуси Својата мана на нивните усти, и при жед им даваше вода.

21 Ги крепеше четириесет години во пустината: ништо не им недостасуваше: ниту облеката им се кинеше, ниту нозете им отечуваа.

22 И им даде царства и народи и ги подели со граници: ја зазедоа земјата на Сион, есевонскиот цар, и земјата на Ог, васанскиот цар.

23 И ги намножи нивните синови како небесни ѕвезди, и ги доведе во земјата за која им рече на нивните татковци дека ќе влезат во неа и дека ќе ја заземат.

24 Синовите влегоа и ја покорија земјата, а Ти пред нив ги совлада жителите на земјата, Ханаанците, и ги предаде во нивните раце царевите и земните народи, за да прават со нив што им е волја;

25 Освоија тврди градови и плодна земја и наследија куќи полни со секакво добро, изделкани кладенци, лозја, маслинови градини и многу плодни дрва: јадеа, се ситеа и се дебелеа, и уживаа во твојата голема добрина.

26 Но се бунеа, и се одметнаа од Тебе и Твојот Закон го фрлија зад плеќи, ги убиваа пророците кои ги обраќаа за да се вратат кај Тебе, и хулеа многу.

27 Тогаш ги предаде во рацете на освојувачите, кои ги измачуваа. А во времето на својата мака извикуваа кон Тебе, а Ти ги послуша од небото, и во Својата голема добрина им испраќаше избавители, кои ги избавуваа од рацете на нивните мачители.

28 Но штом ќе се смиреа, пак правеа зло пред Тебе, а Ти ги пушташе во рацете на нивните непријатели, кои ги измачуваа. И пак извикуваа кон Тебе, и Ти ги послушуваше од небо: во Своето милосрдие ги избави многу пати.

29 Ти ги опоменуваше да се вратат кон Твојот Закон: но тие се бунтуваа и беа непокорни на Твоите наредби, а човекот живее кога ги одржува. Ги извлекуваа плеќите, ги окоравуваа вратовите, и не слушаа.

30 Многу години беше трпелив со нив, и ги опоменуваше со Својот Дух преку службата на своите пророци; но не слушаа. Тогаш ги предаде во рацете на другите народи.

31 Во Своето големо милосрдие Ти не ги уништи, ниту ги остави, зашто Ти си милостив Бог и полн со сожалување.

32 А сега, Боже наш, велик, силен и страшен Боже, кој ги чуваш Заветот и милоста, нека пред Твоето лице не биде незначителна сета оваа неволја, која нè најде нас, нашите цареви и кнезови, нашите свештеници и пророци, нашите татковци и сиот Твој народ од времето на асирските цареви па до денес.

33 Ти си праведен во сè што нè најде, зашто Ти покажа верност, а ние своето зло.

34 Нашите цареви и кнезови, нашите свештеници и татковци, не го извршуваа Твојот Закон, не ги слушаа Твоите наредби и опомени, кои им ги даваше.

35 Иако беа во свое царство, во големи добрини што им правеше; во пространа и плодна земја, која им ја даде, тие не Ти служеа, и не се одвраќаа од своите зли дела.

36 Еве, ние сме денес робови и во земјата, која им ја даде на нашите татковци, за да ги уживаат нејзините плодови и нејзините добра, еве, ние робуваме во неа.

37 Нејзините изобилни приходи одат кај царевите што ни ги постави заради нашите гревови, и тие господарат според својата волја со нашите тела и со нашата стока. Ах, во голема неволја сме!

38 И заради сè тоа се обврзавме писмено на верност. На запечатената изјава стоеја имињата на нашите кнезови, левити и свештеници.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13