2 И во првиот ден на седмиот месец свештеникот Ездра го донесе Законот пред собирот на мажите, жените и на сите, кои беа способни да го разберат.
3 На плоштадот што е пред Водната Врата, почна да го чита свитокот, од раното утро до пладне, пред мажите и жените и пред оние, кои беа зрели. Сиот народ го слушаше покорно свитокот на Законот.
4 Книжевникот Ездра стоеше на дрвена говорница, што ја подигнаа за таа прилика. Покрај него стоеја: од десната страна Мататиј, Сема, Анај, Уриј, Хелкији Масиј, а од левата страна: Федај, Мисаил, Малхиј, Асум, Асвадон,Захариј и Месулам.
5 Ездра го отвори свитокот пред очите на сиот народ - зашто беше повисок од сиот народ - а кога го отвори, сиот народ стана.
6 Тогаш Ездра го благослови Господа, великиот Бог, а сиот народ, со подигнати раце, одговори: „Амин! Амин!” Потоа клекнаа и се поклонија пред Господа, со лицето доземја.
7 А левитите Исус, Ваниј, Серевиј, Јамин, Акув, Саветај, Одиј, Масиј, Келит, Азариј, Јозавад, Анан и Пелај му го објаснуваа Законот на народот, а народот стоеше на своето место.
8 И читаа од свитокот на Божјиот Закон по одломки и ја разјаснуваа смислата за да може народот да разбере што се чита.