Исус Навин 10:26-32 MKB

26 Потоа Исус нареди да ги погубат и да ги обесат на пет дрва, и висеа таму до вечерта.

27 А при зајдисонце Исус заповеда да ги симнат од дрвата и да ги фрлат во онаа иста пештера во која се беа засолнале, та на отворот навалија големи камења, што стојат и денес таму.

28 Во истиот ден Исус го зазеде Макид: удри на градот со острилото на мечот и го погуби неговиот цар, и сè живо во градот му го предаде на клетото уништување, не оставајќи никого да избега. И направи со макидскиот цар како што направи со ерихонскиот цар.

29 Потоа отиде Исус и сиот Израел од Макид во Ливна и удри на неа.

30 Господ и неа и нејзиниот цар ги предаде во рацете на Израел, кој со острилото на мечот истреби сè живо во неа; не поштеди никого, а со царот на Ливна направи како и со ерихонскиот цар.

31 Потоа отиде Исус и сите Израелци од Ливна во Лахис, го опсади и го нападна.

32 Господ го предаде Лахис во рацете на Израелците, кои го освоија утреден: истепаа со острилото на мечот сè живо во него, онака како што сторија со Ливна.