1 Делот што му припадна на племето на Јудините синови, според нивните семејства, беше кон едомската граница, на југ до Цинската пустина, на крајниот југ.
2 А нивната јужна меѓа одеше од крајот на Соленото Море, од заливот што е на југ;
3 тогаш излегуваше јужно од Акравимското Нагорниште, се тегнеше преку Цин и се искачуваше јужно од Кадис Варни, преминуваше преку Есрон, се качуваше кон Адар и оттаму свртуваше кон Карк;
4 потоа преминуваше преку Аселмон и допираше до Египетскиот Поток и најпосле излегуваше на море. Тоа ви е јужната меѓа.
5 Меѓата кон исток беше: Соленото Море до крајот на Јордан. Северната меѓа почнуваше од Соленото Море, кај заливот на Јордан.
6 Оттаму меѓата се искачуваше во Ветагла, минуваше северно од Вет-Арава, одеше горе на Каменот Воана, на Рувимовиот син.
7 Потоа меѓата се креваше од Ахорската долина кон Давира, вртеше на север кон Галгал, што лежи спроти Адумимското Нагорниште, јужно од потокот; меѓата поминуваше натаму кон водите на Ен-Семес па излегуваше кај Ен-Рогел.
8 Оттаму преку долината Бен-Еном се креваше од југ кон Евуската Стрмина, односно кон Ерусалим. Потоа се искачуваше на врвот на гората, што на запад гледа кон Еном и лежи на северниот крај на долината Рафаим.
9 Од врвот на таа гора меѓата завртуваше кон изворот Нефтој па излегуваше спроти градовите на гората Ефрон, потоа да сврти кон Вал, потоа кон Киријат-Јарим.
10 Од Вал меѓата завиваше на задад кон гората Сир и тогаш, поминувајќи северно од гората Јарим, односно Хасалон, се спушташе во Вет-Семес па одеше кон Тамна.
11 Натаму меѓата продолжуваше кон северната стрмина на Акарон, завртуваше кон Сикрон, ги поминуваше висовите на Вал, се тегнеше до Јавнил, за да излезе конечно на море.
12 Западната меѓа е Големото Море со брегот. Тоа беа земјите на Јудините синови, наоколу, според нивните семејства.
13 Халев, Ефониевиот син, прими дел меѓу Јудините синови, како што Господ му нареди на Исуса. Му ја даде Киријат-Арва, главниот град на Енаковите синови - Хеврон.
14 Халев истера оттаму три Енакови синови: Сесај, Ахиман и Талмај, Енакови потомци.
15 Оттаму тргна против жителите на Девир, што некогаш се викаше Киријат-Сефер.
16 Тогаш Халев рече: „Кој ќе го покори и ќе го заземе Киријат-Сефер, ќе му ја дам својата ќерка Ахса за жена.”
17 Го зазеде Готонил, синот на Кенеза, брат Халевов; и Халев му ја даде својата ќерка Ахса за жена.
18 Кога дојде кај мажот, тој ја наговори да побара имот од татка си. Таа слезе од ослето, а Халев ја праша: „Што сакаш?”
19 Таа одговори: „Дај ми благослов! Кога ми го даде Негев, дај ми и некои водни извори.” И тој и ги даде Горните и Долните извори.
20 Тоа беше наследството на племето на Јудините синови според нивните семејства.
21 Градови меѓници на племето на Јудините синови, вдолж на едомската меѓа беа: Кавсеил, Едер, Јагур;
22 Кина, Димона, Адада;
23 Кадес, Асор, Итнан;
24 Зиф, Телем, Валот;
25 Нов Асор, Киријат-Есрон (односно Асор);
26 Амам, Сама, Молада;
27 Асар-Гада, Есемон, Вет-Фалет;
28 Асар-Суал, Вир-Савеа, Визиотија;
29 Вала, Им, Асем;
30 Елтолад, Хесил, Орма;
31 Сиклаг, Мадмана, Сансана;
32 Леваот, Силеим, Аин и Римон: вкупно дваесет и девет градови со своите села.
33 Во долината: Естаол, Сараја, Асна;
34 Заној, Ен Ганим, Тафуј, Инам;
35 Јармут, Одолам, Сохо, Азика;
36 Сагарим, Адитаим, Гедира, Гедиротаим: четиринаесет градови со своите села.
37 Сенан, Адаса, Мигдал-Гад;
38 Дилан, Миспа, Јоктеил;
39 Лахис, Васкат, Еглон;
40 Хавон, Ламас, Хитлис;
41 Гедирот, Вет-Дагон, Нама, Макида: шеснаесет градови со своите села.
42 Ливна, Етер, Асан;
43 Јефта, Асна, Несив;
44 Кеила, Ахзив и Мариса: девет градови со своите села.
45 Акарон со населбите и со своите села;
46 од Акарон па до морето, сè што се наоѓа покрај Азот, со своите села;
47 Азот со населбите и со своите села; Газа со населбите и со своите села до Египетскиот Поток и до Големото Море, кое е меѓа.
48 А во Гората: Самир, Јатир, Сохо;
49 Дана, Киријат Сана (тоа е Давир);
50 Анав, Естемон, Аним;
51 Госен, Олон, Гилон: единаесет градови со своите села.
52 Арав, Дума, Есан;
53 Јанум, Вет-Тафуј, Афека,
54 Хумата, Киријат-Арва (односно Хеврон), Сиор: девет градови со своите села.
55 Маон, Кармел, Зиф, Јута;
56 Језраел, Јокдеам, Заноја;
57 Акаин, Гаваја, Тамна: десет градови со своите села.
58 Алул, Вет-Сур, Гедор;
59 Марат, Вет-Анот, Елтекон: шест градови со своите села.
60 Киријат-Вал (односно Киријат Јарим) и Рава: два града со своите села.
61 Во пустината: Вет-Арава, Мидин, Сехах;
62 Нивсан, Солениот Град и Ен-Гади; шест градови со своите села.
63 А Евусејците, кои живееја во Ерусалим, Јудејците не можеа да ги истераат. Така останаа со Јудините синови во Ерусалим, сè до денес.