1 Но Израелевите синови згрешија тешко во „херемот” (проклетство), зашто Ахан, син на Хармиј, син Завдиев, син Зарин, од Јудиното племе, зеде од проколнатите работи, и Господ се разгневи на Израелевите синови.
2 Исус пак испрати луѓе од Ерихон во Гај, што лежи источно од Ветил, и им рече: „Искачете се онаму, извидете ја земјата!” Луѓето отидоа па го извидија Гај.
3 Се вратија при Исуса, му рекоа: „Не треба натаму да се искачува сиот народ; две до три илјади нека отидат за да го освојат Гај. Не мачи го таму сиот народ, зашто таму има малкумина.”
4 Тргнаа натаму околу три илјади луѓе од сиот народ, и избегаа пред оние од Гај.
5 Гајците погубија околу триесет и шест луѓе, и ги тераа од пред своите врати до Сиварим: ги истепаа на стрмината. Тогаш се стопи срцето на народот, како да му е вода во жилите.
6 Исус ги раздра своите облеки и се фрли ничкум пред Господовиот Ковчег, и остана така до вечерта, тој и старешините во Израел, откако ги посипаа главите со пепел.
7 Тогаш Исус рече: „Ах, Господи Боже, зошто го преведе овој народ преку Јордан? За да нè предадеш во рацете на Аморејците за да не погубат? Камо среќа да останевме на онаа страна на Јордан!
8 Прости, Господи! Што да речам друго, кога Израел ги сврте плеќите пред своите непријатели?
9 Ако го чујат тоа Ханаанците и другите жители на земјата, ќе се здружат против нас и ќе го избришат нашето име од земјата. И така, што ќе направиш за Своето големо Име?”
10 А Господ му одговори на Исуса: „Стани! Зошто падна ничкум?
11 Израел згреши: го прекршија Заветот со кој ги обврзав. Навистина го зедоа проколнатото, откраднаа, излагаа и присвоија.
12 И затоа Израелците не можат да издржат пред своите непријатели, ги вртат грбовите пред противниците зашто станаа проклети. Јас не можам веќе да бидам со вас, ако од својата средина не ги отстраните проклетите.
13 Стани! Свикај го народот на посветување и речи му: ‘Посветете се за утре, зашто вака вели Господ, Израелевиот Бог: „Проклетство е во тебе, Израелу; и не ќе издржиш пред своите иепријатели сè додека не го отстраните проклетството од своја средина. „
14 Затоа утре во мугрите пристапите племе по племе; од племето што ќе го одреди Господ ќе пристапи род по род, а тогаш од родот што ќе го означи Господ ќе пристапи семејство по семејство, а од семејството што ќе го означи Господ ќе пристапи човек по човек.
15 И кој ќе се најде тогаш со проколнатата работа, нека биде изгорен тој и сè што му припаѓа, зашто го прекрши Господовиот Завет и го засрами Израел.’”
16 Подрани Исус наутро и го повика Израел по племиња; пристапија, и беше откриено Јудиното племе.
17 Потоа пристапија род по род од Јудиното племе, и се најде Зарииниот род. Пристапија семејствата на Зарииниот род, домаќин еден по друг, и го пронајдоа Завдиевото семејство.
18 Најпосле Исус нареди да пристапи Завдиевото семејство, мажите еден по еден, и беше најден Ахан, син на Хармиј, син Завдиев, син Зарин, од Јудиното племе.
19 Тогаш Исус му рече на Ахан: „Сине мој, воздај Му слава на Господа, Израелевиот Бог, и признај Му што си направил; објасни што си сторил и немој ништо да криеш.”
20 Ахан му рече на Исуса: „Навистина, јас Му згрешив на Господа, Израелевиот Бог, и еве што направив:
21 видов во пленот убава вавилонска наметка, две стотини сикли сребро и златна плоча што тежи педесет сикли, па се полакомив и ги зедов за себе. Ене сè е закопано среде мојот шатор, а среброто е одоздола.”
22 Тогаш Исус испрати пратеници, кои отрчаа во шаторот. И ете, сè беше закопано во шаторот, а среброто одоздола.
23 Зедоа сè од шаторот и им го донесоа на Исуса и на Израелевите старешини и го положија пред Господа.
24 Тогаш Исус ги зеде Ахана синот Зариин, и среброто, наметката и златната плоча, и сите негови синови и ќерки, неговите волови и ослиња, и овците, неговиот шатор и сè што беше негово, па го изведе во долината Ахор. Сиот Израел ги следеше.
25 Рече Исус: „Како што нè направи несреќни, така Господ да те направи тебе несреќен денес! „ И сиот Израел го каменува.
26 Потоа навалија врз него куп камења, што стојат до денес. Така Господ се ублажи од Својот жесток гнев. Заради тој настан она место се нарече долина Ахор, и така се вика до денес.