Исус Навин 11:13-19 MKB

13 Од другите градови, што се креваа на своите брежиња, Израелците не изгореа ниеден, освен Асор, што го опожари Исус.

14 Сиот плен од тие градови и добитокот, Израелевите синови ги поделија меѓу себе, а сите луѓе ги погубија со острилото на мечот, ги истребија, и не остана ни жива душа.

15 Сè што Господ му заповеда на Својот слуга Мојсеј, Мојсеј му заповеда на Исуса, а Исус изврши сè, не изоставајќи ништо од сè што Господ му беше заповедал на Мојсеја.

16 Така Исус ја зазеде целата земја: Горјето, сиот Негев и сета земја Госен, Шефел, Араба, Израелското Горје и неговите брежиња,

17 од гората Алак, што се издига кон Сир, па до Вал Гад, во ливанската рамница под планината Ермон; ги зароби сите нивни цареви, ги порази и ги погуби.

18 Исус војуваше долго време со тие цареви.

19 Немаше ниту еден град кој склучил мир со Израелевите синови, освен Евејците, кои живееја во Гаваон: сите ги зазедоа со војна.