Исус Навин 11:8-14 MKB

8 И Господ ги предаде во рацете на Израелците, па тие ги поразија и ги протераа сè до Големиот Сидон и до Мисрефот-Маим и до рамницата Миспа на исток; и така ги поразија па никој не преживеа.

9 Исус направи како што му нареди Господ: ги пресече жилите на нивните коњи, а нивните коли ги изгоре со оган.

10 Во исто време Исус се врати и го зазеде Асор, а неговиот цар го погуби со меч. Некогаш Асор им беше главен град на сите тие царства.

11 Убија сè со острилото на мечот, извршувајќи го проклетството „херем.” Не остана ништо живо, а Асор го изгореа со оган.

12 Исус ги покори сите градови на оние цареви и ги погуби царевите со острилото на мечот, извршувајќи го „херемот,” проклетството, како што беше заповедал Мојсеј, Божјиот Слуга.

13 Од другите градови, што се креваа на своите брежиња, Израелците не изгореа ниеден, освен Асор, што го опожари Исус.

14 Сиот плен од тие градови и добитокот, Израелевите синови ги поделија меѓу себе, а сите луѓе ги погубија со острилото на мечот, ги истребија, и не остана ни жива душа.