13 Халев, Ефониевиот син, прими дел меѓу Јудините синови, како што Господ му нареди на Исуса. Му ја даде Киријат-Арва, главниот град на Енаковите синови - Хеврон.
14 Халев истера оттаму три Енакови синови: Сесај, Ахиман и Талмај, Енакови потомци.
15 Оттаму тргна против жителите на Девир, што некогаш се викаше Киријат-Сефер.
16 Тогаш Халев рече: „Кој ќе го покори и ќе го заземе Киријат-Сефер, ќе му ја дам својата ќерка Ахса за жена.”
17 Го зазеде Готонил, синот на Кенеза, брат Халевов; и Халев му ја даде својата ќерка Ахса за жена.
18 Кога дојде кај мажот, тој ја наговори да побара имот од татка си. Таа слезе од ослето, а Халев ја праша: „Што сакаш?”
19 Таа одговори: „Дај ми благослов! Кога ми го даде Негев, дај ми и некои водни извори.” И тој и ги даде Горните и Долните извори.