Исус Навин 17:2-8 MKB

2 Свој дел добија и другите Манасиеви синови според своите семејства: синовите Авиезерови, синовите Хелекови, синовите Азрилови; синовите Сихемови, синовите Еферови и синовите Семидини. Тоа се машките потомци на Манасиј, Јосифовиот син, според своите семејства.

3 А Салпад, синот Еферов, синот Махиров, синот Манасиев, немаше синови, туку само ќерки. Еве им ги имињата: Мала, Нуја, Егла, Мелха и Терса.

4 Тие дојдоа пред свештеникот Елеазар и пред Исуса, Навиновиот син, и пред главатарите, говорејќи: „Господ му заповеда на Мојсеја да ни се даде и нам наследство меѓу нашите браќа.” И им дадоа по Господовата заповед наследство меѓу браќата на нивниот татко.

5 Така му припаднаа десет делови на Манасиј, освен земјата Галадска и Васанска, што се од онаа страна на Јордан.

6 Манасиевите ќерки добија наследство меѓу своите синови, а галадската земја им припадна на другите Манасиеви синови.

7 Манасиевата меѓа одеше од Асир до Михмет, што лежи спроти Сихем, а потоа свртуваше десно до жителите на Ен-Тафуј.

8 Покраината Тафуј му припаѓаше на Манасиј, но самиот Тафуј на Манасиевата меѓа им припаѓаше на Ефремовите синови.