Исус Навин 21:6-12 MKB

6 Гирсоновите синови добија според семејствата тринаесет градови од племињата: Исахаровото, Асировото и Нефталимовото и од половината племе Манасиево во Васан.

7 На Мерариевите синови според нивните семејства им припаднаа дванаесет градови од племињата: Рувимовото, Гадовото и Завулоновото.

8 Така, Израелците со жрепка им ги доделија на левитите тие градови со пасиштата, како што беше заповедал Господ преку Мојсеја.

9 Од племето на Јудините синови и од племето на Симеоновите синови беа доделени овие градови што се спомнуваат по име:

10 на Ароновите синови во Каатовите левитски семејства, зашто првата жрепка беше за нив,

11 им припаднаа Киријат-Арва, главниот град на Анаковците, односно Хеврон, во Јудината Гора, со пасиштата наоколу.

12 Ама полињата околу тој град со селата наоколу веќе му беа дадени во наследство на Халев, Јефониевиот син.