Исус Навин 22:4-10 MKB

4 Сега Господ, вашиот Бог, им даде мир на вашите браќа, како што им беше ветил. Вратете се сега во своите шатори, во земјата што ви ја даде Мојсеј, Господовиот слуга: во наследство од онаа страна на Јордан.

5 Само внимавајте да ги исполнувате заповедите и Законот што ви го даде Мојсеј, Господовиот слуга: да Го љубите Господа, својот Бог, да одите секогаш по неговите патишта, да ги чувате Неговите заповеди, да се држите покрај Него и да Му служите со сето срце и со сета душа.”

6 И Исус ги благослови и ги отпушти, а потоа тие се вратија во своите шатори.

7 Мојсеј и беше дал на едната половина од Манасиевото племе наследство во Васан; а на другата половина Исус и го даде среде нивните браќа западно од Јордан. Отпуштајќи ги во нивните шатори, Исус ги благослови:

8 и им рече: „Вратете се во своите шатори со големо богатство и со многу добиток, со сребро, и со злато, со бронза, со железо и со облеки во изобилство, и поделете го пленот од своите непријатели со своите браќа.”

9 Се вратија Рувимовите синови и Гадовите синови и половината од Манасиевото племе; си отидоа од Израелевите синови во Сило, во Ханаанската Земја, да тргнат за Галадската Земја, во своето наследство што го зазедоа како што им заповеда Господ преку Мојсеја.

10 Кога стигнаа до јорданското подрачје во Ханаанската Земја, Рувимовите синови, Гадовите синови и половината од Манасиевото племе подигнаа жртвеник при Јордан, голем жртвеник, што се гледаше оддалеку.