Исус Навин 3:13-17 MKB

13 Штом стапалата на свештениците, кои го носат Ковчегот на Заветот, на Господарот на целата земја, ќе стапат во Јордан, водата на Јордан ќе се раздели, и онаа што тече одозгора ќе застане како насип.”

14 Кога народот тргна од своите шатори за да премине преку Јордан, свештениците го понесоа Ковчегот на Заветот пред нив.

15 А кога носителите на Ковчегот стигнаа до Јордан и кога свештениците, кои го носеа Ковчегот, загазија во водата на брегот - а беше време на жетва кога Јордан се прелева преку своите брегови -

16 водата што течеше одозгора далеку, како насип, застана кај градот Адам, што се наоѓа покрај Заретан; а водата што истечуваше долу во Арабјанското или Соленото Море сосем истече, и народот поминуваше спроти Ерихон.

17 Свештениците, кои го носеа Ковчегот на Господовиот Завет, стоеја на суво среде Јордан, и Израел поминуваше по суво, сè додека сиот народ не помина преку реката.