3 ”Штом ќе ги видите Ковчегот на Заветот на Господа, вашиот Бог, и свештениците левити кои го носат, тргнете сите од своето место и појдете по нив.
4 Така ќе го знаете патот по кој треба да одите, зашто по тој пат уште никогаш не сте оделе. Ама меѓу вас и Ковчегот нека има растојание од две илјади лакти. И да не му се приближите.”
5 А Исус му нареди на народот: „Посветете се за утре, зашто утре Господ ќе направи чуда меѓу вас.”
6 А на свештениците Исус им заповеда: „Кренете го Ковчегот на Заветот и носете го пред народот.” И го кренаа Ковчегот на Заветот и го понесоа пред народот.
7 Господ му рече на Исуса: „Денес почнувам да те возвишувам пред очите на сиот Израел, нека знаат дека сум со тебе, како што бев со Мојсеја.
8 Ти пак заповеди им на свештениците, кои го носат Ковчегот на Заветот: ‘Кога ќе стигнете до јорданските води, застанете во самиот Јордан.’”
9 Тогаш Исус им рече на Израелците: „Пристапете и чујте ги зборовите на Господа, својот Бог.”