Исус Навин 6:16-22 MKB

16 За време на седмото обиколување свештениците затрубија силно во роговите, а Исус му рече на народот: „Извикувајте воени викотници, зашто Господ ви го предаде градот!”

17 Градот нека биде „херем” за Господа - проклет и предаден на уништување со сè што е во него. Само блудницата Рава да остане жива и сите кои ќе бидат со неа во куќата, зашто таа ги скри согледувачите што ги испративме.

18 А чувајте се од проколнато во градот за да не станете и самите проклети затоа што сте зеле проклето, зашто со тоа би сте навлекле проклетство врз логорот и би сте го направиле несреќен.

19 Затоа сето сребро и злато, сите бронзени и железни садови нека му бидат посветени на Господа и нека бидат чувани во Господовото сокровиште.”

20 Тогаш народот извика и трубите одекнаа. Кога екнаа гласот на трубите и воените извикувања на народот, ѕидовите паднаа и народот навлезе во градот, секој оттаму каде што се најде, и го освоија.

21 И тогаш ја извршија заклетвата ништејќи со острилото на мечот сè што беше во градот: машко и женско, старо и младо, волови, овци и ослиња.

22 А тогаш Исус им рече на двајцата што ја согледуваа земјата: „Отидете во куќата на онаа блудница па изведете ја жената со сите нејзини, како што и се заколнавте.”