2 Тогаш Господ му рече на Исуса: „Еве, ти ги предавам во рацете Ерихон и неговиот цар со војниците.
3 Сите вие воини обиколете околу градот еднаш на ден. Така правете шест денови.
4 А седум свештеници нека носат седум труби од овновски рогови пред Ковчегот. На седмиот ден обиколете седумпати околу градот, а свештениците нека трубат во трубите.
5 Па кога ќе затрубат продолжително во овновскиот рог, сиот народ, штом ќе го чуе гласот на трубата, нека крене силна воена викотница. И градските ѕидишта ќе се разурнат, а народот нека влегува тогаш секој оттаму каде што ќе се најде.”
6 Исус, синот Навинов, ги повика при себе свештениците и им рече: „Земете го Ковчегот на Заветот, а седум свештеници нека носат седум труби од овновски рогови пред Господовиот Ковчег.”
7 А на народот му рече: „Појдете и обиколете околу градот, а војниците нека одат пред Господовиот Ковчег.”
8 И беше како што Исус му нареди на народот. Тргнаа седум свештеници носејќи труби од овновски рогови: трубеа во роговите, а Господовиот Ковчег одеше по нив.