Исус Навин 6:6-12 MKB

6 Исус, синот Навинов, ги повика при себе свештениците и им рече: „Земете го Ковчегот на Заветот, а седум свештеници нека носат седум труби од овновски рогови пред Господовиот Ковчег.”

7 А на народот му рече: „Појдете и обиколете околу градот, а војниците нека одат пред Господовиот Ковчег.”

8 И беше како што Исус му нареди на народот. Тргнаа седум свештеници носејќи труби од овновски рогови: трубеа во роговите, а Господовиот Ковчег одеше по нив.

9 Војниците тргнаа пред свештениците кои свиреа во трубите, а заштитницата тргна по Ковчегот. Чекореа така додека се разлеваше гласот на трубите.

10 А Исус му имаше заповедано на народот: „Не викајте и не давајте глас од себе, и ниеден збор да не се чуе од вашата уста додека не ви речам: ‘Викајте!’ Тогаш нека екне воената викотница!”

11 И нареди Господовиот Ковчег да обиколи еднаш околу градот, па да се вратат во логорот и да преноќеваат таму.

12 Исус подрани утреден, и свештениците го понесоа Ковчегот на Заветот.