Исус Навин 6:8-14 MKB

8 И беше како што Исус му нареди на народот. Тргнаа седум свештеници носејќи труби од овновски рогови: трубеа во роговите, а Господовиот Ковчег одеше по нив.

9 Војниците тргнаа пред свештениците кои свиреа во трубите, а заштитницата тргна по Ковчегот. Чекореа така додека се разлеваше гласот на трубите.

10 А Исус му имаше заповедано на народот: „Не викајте и не давајте глас од себе, и ниеден збор да не се чуе од вашата уста додека не ви речам: ‘Викајте!’ Тогаш нека екне воената викотница!”

11 И нареди Господовиот Ковчег да обиколи еднаш околу градот, па да се вратат во логорот и да преноќеваат таму.

12 Исус подрани утреден, и свештениците го понесоа Ковчегот на Заветот.

13 А седумте свештеници кои носеа седум труби од овновски рогови тргнаа пред Господовиот Ковчег. Одејќи трубеа во трубите, војниците одеа пред нив, а заштитницата пак зад Господовиот Ковчег, додека трубите одекнуваа.

14 Така и на другиот ден обиколија еднаш околу градот, па се вратија назад во логорот.