Исус Навин 9:19-25 MKB

19 Тогаш сите главатари и рекоа на заедницата: „Ние им се заколнавме во Господа, Израелевиот Бог, и затоа не смееме да ги гибаме.

20 Еве што ќе правиме: да ги оставиме да живеат, за да не нè стигне гнев заради заклетвата со која се заколнавме.”

21 Уште главатарите додадоа: „Нека живеат и нека бидат дрвосечачи и водоносци на целата заедница.” Сето општество го прифати тоа што го рекоа главатарите.

22 Исус ги повика Гаваонците и им рече: „Зашто нè измамивте, велејќи: ‘Многу сме далеку од вас,’ кога, ете, живеете среде нас?

23 Затоа сега ќе биде клетва врз вас, и никогаш не ќе го снема ропството меѓу вас: ќе бидете дрвосечачи и водоносци за Домот на мојот Бог.”

24 Тие му одговорија на Исуса: „Од сите страни стигнуваа гласови до нас, до твоите слуги, како Господ, твојот Бог, му одреди на Мојсеја, на Својот слуга, дека ќе ви ја даде сета земја и дека ќе ги истреби пред вас сите жители на оваа земја; многу се исплашивме од вас за своите животи и затоа го направивме ова.

25 И ете, сега сме во твоите раце: направи со нас што мислиш дека е добро и право.”